09.06.2026 Скопје
Индексот на оптимизам кај малите бизниси во Соединетите Американски Држави се влоши во мај, а сè поголем број сопственици на бизниси најавуваат зголемување на цените, што укажува на континуирани инфлаторни притисоци во американската економија.
Според анкетата на Националната федерација на независни бизниси (NFIB), индексот на оптимизам за мали бизниси падна за 0,6 поени на 95,3, што е под долгорочниот просек од 98 поени, додека индексот на неизвесност се искачи на 91 поен.
Анкетата покажува дека 34 проценти од сопствениците на мали бизниси планираат да ги зголемат цените во следните три месеци, што е највисоко ниво од јули 2022 година, додека 36 проценти од бизнисите веќе ги зголемиле цените на своите производи и услуги.
НФИБ проценува дека неизвесноста претставува сериозна пречка за инвестициите и растот на бизнисот, а голем дел од загриженоста се однесува на нарушувањата на пазарот на енергија предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток и неговото влијание врз глобалните синџири на снабдување.
Во исто време, плановите за нови вработувања паднаа на најниско ниво од мај 2020 година, што укажува на повнимателен пристап од страна на малите бизниси кога станува збор за проширување на нивниот бизнис.
Аналитичарите веруваат дека резултатите од анкетата потврдуваат дека инфлацијата останува еден од клучните предизвици за американската економија, и покрај сè уште релативно силниот пазар на трудот и стабилната стапка на невработеност.
Подготвено од А.Ѓ.