17.06.2026 Скопје
Германската влада се подготвува за евентуално учество на своите вооружени сили во мисија за заштита на поморскиот сообраќај во Ормутскиот теснец. Според информациите до кои дојде „Шпигел“, Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана веќе подготвиле нацрт-мандат за Бундестагот, кој владата би можела итно да го одобри.
Сепак, канцеларот Фридрих Мерц (CDU) изјави дека конечната одлука сè уште не е донесена.
„Дополнително, правната основа за какво било учество сè уште треба да се разјасни“, рече Мерц по самитот на Г7 во Евиан, Франција.
Ормутскиот теснец е стратешки премин за глобалната енергетска индустрија, која е во центарот на вниманието во последните месеци поради војната меѓу САД и Иран.
Мисијата, која има за цел да ја заштити слободата на пловидба во теснецот и да ги поддржи евентуалните операции за расчистување на мини, ја спроведуваат Франција и Обединетото Кралство. Берлин, заедно со Париз и Лондон, сигнализираа дека во принцип е подготвена да учествува во таква операција, во согласност со националните законски одредби.
Германското Министерство за одбрана објави дека поморските единици се веќе во состојба на готовност за евентуално распоредување. Миноловецот „Фулда“ и снабдувачкиот брод „Мозел“ моментално се наоѓаат во источниот Медитеран и би можеле да бидат префрлени во потенцијална зона на дејствување во рок од неколку дена.
Сепак, прашањето за мандат според меѓународното право останува нејасно. Иако канцеларот Мерц досега се залагаше за меѓународен мандат, по можност од Советот за безбедност на Обединетите нации, брз договор во Советот за безбедност во моментов изгледа малку веројатен. Создавањето нов мандат на ниво на ЕУ веројатно би одзело време.
„Шпигел“ објавува дека надлежните министерства затоа испитуваат дали резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на ОН во март може да послужи како правна основа. Резолуцијата, предложена од Бахреин, го потврдува правото на државите да ги заштитат своите бродови од напади и да ја бранат слободата на пловидба во меѓународните водни патишта, а пречките за слободен премин ги опишува како закана за мирот и меѓународната безбедност.
Подготвено од А.Ѓ.