08.06.2026 Скопје
Европските лидери се подготвени да ја преземат водечката улога во преговорите за ставање крај на руската инвазија на Украина и се подготвуваат да преговараат со рускиот претседател Владимир Путин, во тесна координација со САД, изјави денес портпаролот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Стефан Корнелиус.
„Ново, верувам, е што овој процес сега добива нов импулс во Европа“, рече Корнелиус по состанокот на лидерите на Украина, Франција, Германија и Обединетото Кралство, што се одржа синоќа.
Тој рече дека ново е што европските земји го преземаат и го продолжуваат процесот на преговори што досега главно го водеа САД и дека тоа го прават „во тесна координација со САД“.
Корнелиус рече дека европските лидери ќе продолжат со дискусиите за нивниот пристап кон потенцијалните мировни преговори меѓу Украина и Русија на состанокот на Г7 во францускиот град Евиан и за време на самитот на Европскиот совет во Брисел следната недела.
„Ни е потребна најширока можна поддршка од сите европски партнери за вистински да се стремиме кон мир“, рече тој.
Корнелиус рече дека „може да бидат потребни недели или дури месеци“ за да се доведе Путин на преговарачка маса и дека „само силна Украина и притисок врз Русија ќе го убедат Путин да се повлече“.
Тој нагласи дека Европа мора да биде подготвена за тој момент.
„Исто така, треба да воспоставиме подготвеност за дијалог и да се договориме за условите под кои воопшто можат да се одржат такви разговори. Сето ова е дел од подготовките“, заклучи Корнелиус.
Подготвено од А.Ѓ.