08.06.2026 Скопје
Европската комисија (ЕК) денес објави дека одобрила италијанска шема за државна помош во вредност од 23 милијарди евра за производство на електрична енергија од обновливи извори, со цел да се помогне на Италија да достигне удел од 39,4 проценти од обновливите извори во бруто финалната потрошувачка на електрична енергија до 2030 година.
„Оваа шема ќе ѝ помогне и на Италија да ја намали зависноста од увоз на фосилни горива и да го зголеми уделот на обновливи извори на енергија“, изјави европската комесарка за конкуренција, Тереза Рибера.
Преку билатерални договори за разлика (CfD) за период од 20 години, државата ќе им плаќа на производителите кога пазарната цена ќе падне под договорената референтна цена, додека производителите ќе ја вратат разликата во цената кога таа ќе се искачи над тоа ниво.
Буџетот од 23 милијарди евра се базира на проценки на пазарните цени, додека реалната нето поддршка би била значително помала доколку цените на електричната енергија ги надминат проекциите.
Подготвено од А.Ѓ.