09.06.2026 Скопје
Европската комисија ја повика Албанија да обезбеди усогласеност со законите на ЕУ за животна средина без одложување ако сака да се приклучи на Унијата, изјави денес портпаролот на ЕК, коментирајќи ја планираната изградба на луксузен хотел финансиран од инвестициската фирма на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата земја ќе продолжи со изградбата на луксузен хотел на оддалечен дел од албанскиот брег, планиран од Кушнер и ќерката на Трамп, Иванка Трамп, и покрај протестите поради негативното влијание на проектот врз животната средина.
Протестите во Албанија се наречени „Револуција на фламинго“ бидејќи делот од брегот каде што се планира изградба е миграциско засолниште за овој вид птици.
ЕУ изјави дека би можела да прими нови членки, вклучувајќи ги Црна Гора, Албанија и Украина, до 2030 година, но тоа зависи од усогласеноста со законите на ЕУ, вклучително и регулативите за животна средина.
„Албанија треба да се воздржи од дејствија што би можеле да го поткопаат исполнувањето на критериумите за затворање на пристапните преговори. Очекуваме албанските власти да дејствуваат без одлагање“, изјави портпаролот на ЕУ, Гијом Мерсие.
Подготвено од А.Ѓ.