29.06.2026 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата одржа спектакуларно обраќање пред поддржувачите на својата партија, велејќи дека граѓаните ќе го слушнат новиот план на владејачката партија во понеделник и дека тоа е „веројатно последен пат да им се обрати на граѓаните во толку голем број“ како претседател на Србија. Тој најави дека ќе ја напушти функцијата за неколку недели.
– Им кажав на претседателот на СНС (Српска напредна партија) и на раководството дека на претстојните избори, доколку го побараат и го сакаат тоа, ќе ни помогнам, заедно со вас, да ја добиеме довербата на народот и да го постигнеме сето она за што зборувам во следните четири години. Мојот предлог е нашата победничка листа на претстојните избори да се вика „Обединета Србија“ – рече Вучиќ, што може да се протолкува како признание дека тој ќе биде кандидат на СНС за премиер.
Нема ништо спектакуларно ново во изјавата на Вучиќ, бидејќи никој не помислил дека тој ќе се пензионира и ќе ја напушти политиката по завршувањето на претседателскиот мандат. Можно е самиот Вучиќ да не знае дали ќе ги спои парламентарните и претседателските избори, а можно е и сето тоа да е психолошка игра, велат соговорниците на „Данас“, коментирајќи ја неговата објава.
Доколку Вучиќ навистина се држи до овие зборови, тоа би значело дека претседателските избори, во рамките на законските рокови, би можеле да се одржат на есен. Оттука, се поставува прашањето дали ова е знак дека тие ќе бидат комбинирани со најавените парламентарни избори во истиот период.
Подготвено од А.Ѓ.