29.06.2026 Скопје
Европската унија подготвува планови за награда на Србија за усвојување на измени во нејзините судски закони, со цел да ја охрабри земјата да го забрза напредокот во процесот на пристапување кон ЕУ, изјавија денес четворица неименувани функционери кои работат на плановите на ЕУ.
„Постои општо чувство дека не треба целосно да ја „изгубиме“ Србија“, рече еден од функционерите, кој додаде дека иако Србија нема наскоро да се приклучи на ЕУ, важно е таа да продолжи да се вклучува во процесот на пристапување и да биде охрабрена да спроведува реформи.
Комесарот за проширување Марта Кос во петокот, по усвојувањето на измените на низа судски закони, разговараше со претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за „следните чекори на Србија за да продолжи напред на патот кон ЕУ“.
Србија е официјален кандидат за ЕУ од 2012 година, потсетува Политико, додавајќи дека ЕУ е најголемиот давател на финансиска поддршка за Србија и од 2021 до 2024 година доделила повеќе од 586 милиони евра неповратни грантови, додека дури 1,5 милијарди евра дополнителни средства се достапни, под услов да се спроведат реформи.
„Србија штотуку усвои збир на судски закони кои се целосно усогласени со препораките на Венецијанската комисија. Отворањето на Третиот кластер би било важно и за Србија и за ЕУ.“
„Ова би означило пресвртница во процесот на пристапување на Србија и конечно би ни овозможило да го прекинеме маѓепсаниот круг во кој сме заробени со години“, изјави за порталот српскиот амбасадор во ЕУ и главен преговарач Даниел Апостоловиќ.
Третиот кластер, кој вклучува конкурентност, економски раст, индустриска политика и усогласување со Царинската унија на ЕУ, се смета за „помалку чувствителна“ област која би можела да се подобри и покрај големите разлики меѓу двете страни, изјави еден функционер на ЕУ кој разговараше со „Политико“.
Дипломатите од двата главни града, кои беа скептични кон напредокот на Србија, за еден портал од Брисел изјавија дека отворањето на нов кластер е малку веројатно. „Враќањето на почеток со поправање на штетата што сте ја направиле е минимум, тоа не може да биде доволно за да заслужите награда“, смета еден од дипломатите.
Подготвено од А.Ѓ.