09.06.2026 Скопје
Амбициозен европски транспортен проект предвидува создавање мрежа на брзи железници што би можела да ја поврзе Атина со речиси 40 градови низ Европа до 2040 година. Планот, наречен „Старлајн“, има за цел да воспостави единствена железничка мрежа од околу 22.000 километри, што би ги обединило постојните национални железнички системи и би понудило побрза и поеколошка алтернатива на кратки релации.
Проектот е развиен од европскиот тинк-тенк „21 Европа“ со седиште во Копенхаген и предвидува пет главни железнички коридори што би минувале низ 22 европски земји. Од регионот, на мапата се прикажани Белград, Загреб, Софија, Тирана и Сараево, додека Македонија не е на мапата. Возовите би се движеле со брзина од 300 до 400 километри на час, а мрежата би функционирала слично на метро систем, но на ниво на целиот континент.
За Грција, оваа инвестиција во инфраструктура би значела значително подобрување на поврзаноста со остатокот од Европа, но и со земјите од Југоисточна Европа.
Еден од приоритетите на Европската комисија е значително да се намали времето на патување меѓу европските градови. На пример, патувањето од Софија до Атина, кое моментално трае околу 13 часа и 40 минути, би можело да се скрати на само шест часа.
Слични промени се планирани и за други европски рути. Патувањето помеѓу Берлин и Копенхаген би се намалило од седум на четири часа, додека рутите што традиционално бараа патување преку ноќ би можеле да станат директни дневни рути.
Според предложениот план, мрежата би се состоела од пет главни линии:
– Линија А: од Неапол до Хелсинки
– Линија Б: од Лисабон до Киев преку Мадрид
– Линија C: од Мадрид до Истанбул
– Линија D: од Даблин до Киев
– Линија Е: од Милано до Осло
Овие коридори би поврзале десетици големи европски градови во рамките на еден транспортен систем и заеднички визуелен идентитет.
Транспортот е еден од најголемите извори на емисии на стакленички гасови во Европа, сочинувајќи околу една четвртина од вкупните емисии.
Иако воздушниот сообраќај учествува со помал дел во глобалните емисии, летовите на кратки релации се сè уште најчестиот избор за милиони патници. Според авторите на проектот, брзите железници генерираат до 90 проценти помалку емисии на јаглерод диоксид по патување во споредба со авионите.
21 Европа го разгледува префрлањето на поголем дел од патничкиот транспорт кон железничкиот сообраќај како еден од клучните чекори за исполнување на климатските цели на Европа до 2050 година.
Проектот предвидува и нов пристап кон патувањето. Наместо традиционалната поделба на прва и втора класа, новите возови би понудиле различни простори прилагодени на потребите на патниците.
Ова вклучува мирни работни зони, семејни простори, ергономски седишта и заеднички простори за релаксација и дружење. Целта е патувањето на долги релации да се направи подостапно, удобно и привлечно за што е можно повеќе луѓе.
Иако во моментов е концепт и долгорочна визија, проектот веќе генерира голем интерес бидејќи нуди можност Европа во иднина да има железничка мрежа што ќе функционира речиси како метро систем на континентално ниво.
Подготвено од А.Ѓ.