OBR MKD

04.05.2026 Скопје

Две млади лица со попреченост биле дискриминирани во Македонија, откако не им било дозволено да аплицираат за практикантство и младински додаток, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Иако завршиле средно образование, системот ги евидентирал како да имаат само основно, бидејќи нивното образование траело две, а не четири години.

Тие учеле во специјализирано средно училиште со прилагодени програми и добиле соодветни свидетелства и уверенија за завршено средно образование и стручно оспособување. Сепак, при аплицирање за мерките, биле одбиени со образложение дека не се водат како лица со завршено средно образование.

Комисијата оценила дека ваквата практика претставува нееднаков третман, бидејќи не се признава нивната реална квалификација. Според меѓународните и домашните прописи, лицата со попреченост имаат право на образование и работа без дискриминација, а двегодишното стручно образование се смета за завршено средно образование.

Затоа, Комисијата препорачала Агенцијата за вработување да ги евидентира овие лица со соодветното образование и да им овозможи пристап до мерките за вработување. Исто така, институцијата има рок од 30 дена да ја усогласи практиката, во спротивно ќе се соочи со прекршочна постапка.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author