swiss

08.05.2026 Скопје

Швајцарското јавно мислење е речиси подеднакво поделено околу предлогот за референдум со кој би се ограничило населението на 10 милиони, според ново истражување на јавното мислење спроведено пред гласањето закажано за 14 јуни.

Според анкетата на Институтот GfS во Берн, 47 проценти од испитаниците ја поддржуваат иницијативата, ист процент се против неа, додека останатите испитаници немале мислење.

Анкетата е спроведена на примерок од 19.728 лица помеѓу 20 април и 3 мај.

Предлогот, поддржан од десничарската Швајцарска народна партија (SVP), предвидува трајното население на земјата да не надминува 10 милиони до 2050 година, како и прекин на договорот за слобода на движење со Европската Унија.

Швајцарската влада се спротивставува на иницијативата, предупредувајќи дека нејзиното усвојување би можело да ги оштети односите со ЕУ, главниот трговски партнер на земјата, и негативно да влијае на економијата.

Официјалните бројки покажуваат дека населението на Швајцарија неодамна надмина девет милиони, а странските државјани сочинуваат повеќе од 27 проценти од населението.

Паралелно, земјата разговара за поширок договор со ЕУ постигнат до крајот на 2024 година, што би ја продлабочило економската интеграција, додека властите ја нагласуваат потребата од зајакнување на врските со европскиот пазар поради глобалната економска неизвесност.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author