07.05.2026 Скопје
Ризикот од хантавирус за населението на Европа е „низок“, изјави денес портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнчирова, откако три лица починаа од инфекцијата на крузер во Атлантскиот Океан.
„Морам да повторам дека, според моментално достапните докази, ризикот за јавноста во Европа, односно за граѓаните на Европа, останува низок“, изјави Хрнчирова.
Во исто време, холандските медиуми објавуваат дека досега се потврдени пет случаи на инфекција на крузерот каде што претходно беше пријавен вирусот, додека уште три се сметаат за веројатни, а три лица починале.
Според овие наводи, на 11 април починал 70-годишен холандски државјанин, кој не бил тестиран навреме за вирусот, поради што неговиот случај се смета за „веројатен“.
На 26 април почина 69-годишна Холанѓанка, сопруга на претходно починат патник. Нејзината инфекција беше лабораториски потврдена во Јужна Африка.
Третата жртва, германска државјанка, почина на 2 мај, но сè уште не е потврдено дали била заразена, ниту пак е познато каде се наоѓа нејзиното тело.
Од петте потврдени случаи, покрај гореспоменатиот холандски патник, инфекцијата е потврдена и кај британски државјанин кој се лекува во болница во Јужна Африка, како и кај швајцарски државјанин кој е хоспитализиран во неговата земја.
Во меѓувреме, холандска стјуардеса беше хоспитализирана со благи симптоми по контакт со починат патник на лет на KLM, и моментално се тестира за вирусот и не е вклучена во официјалната статистика.
Подготвено од А.Ѓ.