21.05.2026 Скопје
Секоја земја, вклучително и Украина, има право и обврска да го брани својот територијален интегритет и независност, но Унгарија очекува унгарското малцинство во Украина да добие основни права пред да отвори нова фаза во односите меѓу двете земји, изјави денес унгарскиот премиер Петер Маѓар, наведувајќи дека ова е и клучен услов на Будимпешта за почеток на пристапните преговори меѓу Европската унија и Украина.
„Имаме унгарско малцинство кое живее во Украина и кое нема основни права. Во Централна Европа во 2026 година! Зборуваме за правото на јазик, култура и административна автономија. Повеќе од 100.000 Унгарци живеат во Закарпатија без основни човекови права“, изјави унгарскиот премиер.
Како што истакна тој, унгарската влада е сепак подготвена да отвори ново поглавје во односите со Украина, истакнувајќи дека пред тоа, унгарското малцинство во Украина мора да добие „основни права“.
„Се договоривме со Украинците да започнеме разговори за ова на техничко ниво. Преговорите започнаа и ќе видиме како ќе се одвиваат. Ако дадат резултати, ќе преговараме на повисоко ниво. Ако и тие разговори бидат успешни, ќе се сретнам со (украинскиот) претседател Володимир Зеленски во еден од градовите на Закарпатија за да отворам нова етапа во нашите односи“, објасни Унгарецот.
На прашањето дали ова е услов Унгарија да се согласи на отворање на пристапни преговори меѓу Европската Унија и Украина, Унгарецот одговори потврдно и нагласи дека тоа е „услов без кој не може да се направи“.
„Првото поглавје од пристапните преговори е токму за владеењето на правото и демократијата. Ако некој сака да се приклучи на европскиот клуб, мора да ги почитува овие права. Тоа не е тешко ниту комплицирано“, заклучи премиерот на Унгарија.
Унгарците во Украина го сочинуваат петтото најголемо национално малцинство, со бројка помеѓу 75.000 и 85.000 денес. Повеќето од нив живеат во Закарпатскиот регион на самиот запад од земјата, по должината на границата со Унгарија.
Подготвено од А.Ѓ.