ROBERT FICO 2

21.05.2026 Скопје

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека европските политичари кои јавно го критикуваат за разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, истовремено се обидуваат да дознаат зад затворени врати што рекол рускиот лидер.

Фицо оцени дека таквото однесување е доказ за лицемерие во европската политика, наведувајќи дека јавно се осудува секој обид за дијалог со Москва, додека во приватните разговори се покажува голем интерес за ставот на Кремљ. Тој беше во Москва на 9 мај, каде што присуствуваше на прославите по повод Денот на победата и се сретна со Путин, што предизвика критики од некои европски функционери.

„Жал ми е што нема дијалог. Ова лицемерие не може да продолжи. Се среќавам со рускиот претседател, сите ме критикуваат, а потоа ми се јавуваат или сакаат да се сретнат и прашуваат: „Што рече Путин?“ Ова е бескрајното лицемерие на кое сум сведок во последно време“, рече Фицо.

Словачкиот премиер претходно изјави дека Европа мора да го обнови директниот дијалог со Русија, особено кога станува збор за безбедноста, енергетиката и можностите за завршување на војната во Украина. По средбата во Кремљ, тој изјави дека добил важни информации од Путин за визијата на Русија за решавање на украинскиот конфликт и најави дека ќе им ги пренесе на европските партнери.

За време на посетата на Москва, Фицо исто така рече дека не сака нова „железна завеса“ меѓу Европската Унија и Русија, туку прагматични односи и дијалог, без оглед на политичките разлики. Според медиумските извештаи, тој бил еден од ретките европски лидери што тој ден биле во руската престолнина.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author