20.05.2026 Скопје
Пет земји од Европската Унија ја повикаа Европската комисија да го преиспита начинот на кој ги вклучува потенцијалните членки од Западен Балкан во единствениот пазар на блокот, претставувајќи го тоа како начин кандидатите за членство да се држат подалеку од сферата на влијание на Русија.
Во заедничко писмо, до кое увид имал порталот „Еурактив“ со седиште во Брисел, а доставено до земјите-членки на ЕУ од Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, се наведува дека се потребни силни и привлечни стимулации за да се одржи моментумот на проширување и да се унапреди европската интеграција.
„Пристапот до европскиот единствен пазар врз основа на заслуги, чекор по чекор доколку е потребно, претставува таков поттик“, напишаа земјите, кои се дел од неформален клуб кој политички ги поддржува аспирациите на Западен Балкан за членство во ЕУ.
Земјите го опишаа својот предложен модел како „систематска секторска интеграција“, што вклучува проширување на опсегот на програми на ЕУ во кои можат да учествуваат земји како Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, усогласувајќи се, поглавје по поглавје, со обемниот правилник на Брисел.
„Постепената интеграција треба активно и систематски да се спроведува кога кандидатот ќе покаже високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ во релевантниот сектор“, се наведува во документот, додавајќи дека треба да се вклучат заштитни мерки во случај земјата што ужива посебен пристап до пазарот на ЕУ да регресира.
Во документот се споменуваат неколку нови сектори кои би можеле да бидат вклучени, како што се транспортот, енергетиката и пазарите на електрична енергија, дигиталниот единствен пазар, стратегиите и политиките за конкурентност за клучните суровини.
Договорот за мобилност на младите меѓу Велика Британија и ЕУ се наведува и како пример за придобивка што би можела да им се понуди на земјите од Западен Балкан.
Во заеднички документ, европската комесарка за проширување Марта Кос е повикана да излезе со нови идеи во овој поглед.
„Овој пристап би го проширил и зајакнал единствениот пазар, придонесувајќи за геоекономската важност и стратешката автономија на ЕУ, а воедно би ги зближил кандидатите и би помогнал во спротивставувањето на влијанието на трети земји“, се заклучува во документот.
Подготвено од А.Ѓ.