MMF

14.05.2026 Скопје

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денес го поздрави почетокот на конструктивниот дијалог меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и кинескиот претседател Си Џинпинг, велејќи дека намалувањето на трговските тензии и неизвесноста меѓу двете најголеми економии во светот е важно за глобалниот економски раст.

Портпаролката на ММФ, Џули Козак, на прес-конференција изјави дека е „многу важно“ што двете најголеми економии во светот разговараат на највисоко ниво, коментирајќи ги првичните резултати од самитот Трамп-Си во Пекинг.

„Го поздравуваме фактот дека постои конструктивен дијалог меѓу двете земји. Сè што придонесува за намалување на трговските тензии и неизвесност е добро за двете големи економии, но и за глобалната економија“, рече Козак.

Зборувајќи за пошироките економски случувања, таа предупреди дека глобалната економија, поради војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, се движи кон средното, неповолно сценарио на економските проекции презентирани од ММФ во својот априлски извештај за глобалните економски перспективи.

Според ова сценарио, растот на глобалниот реален бруто домашен производ би можел да забави на 2,5 проценти оваа година, во споредба со основната прогноза од 3,1 процент, што претпоставува брз крај на конфликтот, по минатогодишниот раст од 3,4 проценти.

Негативното сценарио на ММФ се базира на претпоставката дека цената на суровата нафта ќе остане над 100 долари за барел во текот на целата година, со понатамошно заострување на финансиските услови и зголемување на инфлаторните очекувања.

Козак изјави дека повисоките трошоци за енергија ги зголемиле очекувањата за краткорочно зголемување на цените, но дека ММФ сè уште верува дека среднорочните очекувања за инфлација се стабилни, додека финансиските услови во глобалната економија остануваат „прилагодливи“.

Според неа, ММФ ги продолжува дискусиите за можна финансиска помош за земјите-членки кои се соочуваат со зголемување на трошоците за енергија и суровини поради конфликтот на Блискиот Исток, но таа не даде детали за конкретни земји.

Претходно денес, Трамп и Си се сретнаа во Пекинг, каде што оценија дека односите меѓу САД и Кина се меѓу најважните во светот и рекоа дека двете земји треба да соработуваат, а не да влегуваат во конфликти, нагласувајќи ја важноста на стабилните билатерални односи за глобалната економија, мирот и меѓународната безбедност.

Трамп ги опиша своите разговори со Си како „многу позитивни и продуктивни“, нагласувајќи ги врските меѓу двете земји, додека Си рече дека Кина и САД „победуваат преку соработка и губат преку конфронтација“.

Американскиот претседател го покани кинескиот лидер да ги посети САД во септември.

Американскиот министер за финансии Скот Бесант изјави дека Вашингтон очекува зголемени кинески купувања на американски производи, вклучувајќи авиони „Боинг“, енергетски и земјоделски производи, како и формирање на посебни трговски и инвестициски механизми за балансирање на економските односи меѓу двете земји.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author