LIBANSKI PRETSEDATEL

11.05.2026 Скопје

Либанскиот претседател Џозеф Аун го информираше американскиот амбасадор во земјата, Мишел Иса, за развојот на настаните во либанско-израелските преговори, како и за претстојната средба меѓу двете делегации, која е закажана да се одржи подоцна оваа недела во Соединетите Американски Држави.

Во соопштението од либанското претседателство се вели дека Аун ја нагласил важноста од притисок врз Израел да ги прекине кршењата на прекинот на огнот, воените операции и уништувањето на цивилните домови и куќи во Либан.

Претходно, либанскиот премиер Наваф Салам објави дека Либан го поддржува мирот со Израел, но, како што рече, мирот има услови, наведувајќи дека Либан во моментов учествува во „прелиминарни преговори со Израел во Вашингтон“.

„Барањата на Либан се прекин на огнот, целосно повлекување на Израел од либанската територија и ослободување на либанските затвореници кои се наоѓаат во израелските затвори, а кои биле притворени за време на борбите во Либан. Откако ќе се спроведат либанските барања, отворени сме за дискусија за условите за мир во пошироката арапска рамка, бидејќи тоа има импликации за арапските држави“, рече Салам.

Либанската група Хезболах започна напади врз Израел на 2 март, три дена откако САД и Израел започнаа војна против Иран, што предизвика жестоки израелски воздушни напади и проширено копнено присуство на израелските одбранбени сили во Либан.

Прекинот на огнот меѓу Либан и Израел, кој започна кон средината на април, сега е во голема мера нарушен.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author