NIGERIJAAA

11.05.2026 Скопје

Нигериската војска денес ги негираше извештаите на некои медиуми дека цивили биле убиени во воздушни напади врз локации за кои се тврди дека ги користеле екстремистички банди на северот од земјата.

Во соопштението се наведува дека нападите врз позициите на вооружените екстремисти биле извршени врз основа на разузнавачки информации.

Портпаролот на нигериското Министерство за одбрана, генерал-мајор Мајкл Оноја, изјави дека нападите со беспилотни летала извршени ноќта меѓу 9 и 10 мај биле насочени кон селата Катерма, Боко, Кусаса и Кудура во округот Широро, бидејќи разузнавачките информации укажуваат дека вооружени банди се собираат на тие локации и планираат напади.

Ова негирање дојде како одговор на извештаите во нигериските медиуми во кои се наведуваше дека жртвите на нигерискиот воен напад биле цивили.

Нигериските безбедносни сили се борат против банди на северозападниот дел од земјата и со седумнаесетгодишно исламистичко востание во североисточна Нигерија.

Минатиот месец, околу 200 луѓе беа убиени откако нигериски авиони на воздухопловните сили нападнаа селски пазар каде што се собираа исламистички милитанти.

Според генералот Оноја, најмалку 70 осомничени бандити биле убиени само во Кусасу, но разузнавачките информации по нападот покажале дека преживеаните борци се прегрупираат и дека повеќе од 200 мотоцикли се движеле кон блиското село Занго.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author