kina-1

15.05.2026 Скопје

Министерството за надворешни работи на Кина денес соопшти дека земјата ќе продолжи да соработува со меѓународната заедница за поддршка на мировните преговори и да придонесе за постигнување траен мир на Блискиот Исток.

Портпаролот на министерството изјави дека Кина дејствува во согласност со „четирите предлози“ на кинескиот претседател Си Џинпинг за одржување на мирот и стабилноста во регионот и дека Кина и Пакистан заеднички претставија иницијатива од пет точки за враќање на мирот и стабилноста во Заливот и на Блискиот Исток.

Според Пекинг, од почетокот на конфликтот во Иран, Кина работи на смирување на тензиите и завршување на конфликтот преку политички средства.

„Ставот на Кина за ситуацијата во Иран е многу јасен. Конфликтот предизвика големи загуби за народот на Иран и другите земји во регионот“, рече портпаролот.

Тој додаде дека ширењето на последиците од конфликтот врши голем притисок врз глобалниот економски раст, синџирите на снабдување, меѓународната трговија и стабилноста на светскиот енергетски пазар, што, како што рече, им штети на интересите на меѓународната заедница.

„Нема смисла да се продолжува овој конфликт што никогаш не требаше да се случи“, рече портпаролот, додавајќи дека брзото решавање на ситуацијата е во интерес не само на САД и Иран, туку и на земјите од регионот и остатокот од светот.

Кина го поздрави неодамнешното примирје меѓу САД и Иран, како и обидите за наоѓање решение преку преговори.

„Кина секогаш верува дека дијалогот и преговорите се вистинскиот пат напред, додека употребата на сила е ќорсокак“, рече портпаролот.

Тој додаде дека сега кога „вратата на дијалогот е отворена“, таа не треба повторно да се затвора, туку треба да продолжат политичките разговори и консултации со цел да се најде решение за иранското нуклеарно прашање и другите отворени прашања што ќе ги земе предвид загриженоста на сите страни.

Портпаролот на кинеското министерство, исто така, ја нагласи важноста од повторно отворање на транспортните патишта што е можно поскоро со цел да се одржат стабилни и непрекинати глобални синџири на снабдување.

Тој, исто така, оцени дека е потребно што е можно поскоро да се постигне сеопфатен и траен прекин на огнот со цел враќање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток и регионот на Заливот, а воедно да се постават темелите за „долгорочна регионална безбедносна архитектура“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author