fon der lajen

15.05.2026 Скопје

Европската комисија стави на чело мал, но политички чувствителен оддел за IDEA – „Инспирирај, дебатирај, ангажирај се и забрзај ја акцијата“ – кој директно известува до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и се занимава со стратешки анализи, долгорочно планирање и подготовка на предлози за политики за врвот на европската администрација.

Во Брисел, службата веќе се опишува како оддел за смели идеи, но и како внатрешен механизам што ѝ овозможува на фон дер Лајен подиректен увид во најважните политички процеси во рамките на Комисијата. Иако има мал број вработени и скромен административен буџет, нејзината важност произлегува од фактот што е ставена во непосредната орбита на претседателот на Европската комисија.

Официјалните документи од Европската комисија наведуваат дека IDEA обезбедува иновативни идеи, простор за интердисциплинарно истражување, дебата и соработка за клучните приоритети на Комисијата. Нејзината мисија наведува дека треба да помогне во обликувањето на политиките на претседателот на Комисијата, од геополитиката и Зелената агенда, до дигиталните технологии и конкурентноста, па сè до иднината на институциите на ЕУ.

Во работниот план за 2026 година понатаму се наведува дека IDEA ќе обезбедува стратешка анализа и совети за политиките за главните амбиции на претседателката на Комисијата и постепено ќе се трансформира во Персонал за планирање политики. Во истиот документ се нагласува дека службата ќе продолжи да ја поддржува претседателката и нејзиниот кабинет во подготовката и спроведувањето на краткорочни, среднорочни и долгорочни иницијативи.

Од особен интерес е во Брисел бидејќи станува збор за мала служба со одличен пристап до врвот на Комисијата. Според својот работен план, IDEA управува со административен буџет од околу 265.000 евра, наменет за мисии, семинари, настани, дисеминација на идеи за политики и соработка со експертската заедница, но не управува со програми за трошење или политички средства.

Ова повторно ја разгоре дебатата за начинот на кој фон дер Лајен ја води Европската комисија. Нејзините критичари долго време тврдат дека донесувањето одлуки е сè повеќе концентрирано во тесен круг околу претседателот, додека улогата на комесарите, генералните директорати и националните влади по одредени прашања се става во втор план.

Европската комисија ги отфрла ваквите толкувања и тврди дека IDEA е првенствено советодавна служба, чија задача е да генерира предлози, да стимулира експертска дебата и да го забрза трансформирањето на идеите во конкретни мерки на политиката. Во официјалниот опис се наведува дека оваа служба треба да ја поврзе Комисијата со академската заедница, истражувачите, тинк-тенковите и другите експертски кругови.

Сепак, фактот дека IDEA работи директно за претседателката на Комисијата, учествува во подготовката на стратешки документи и го следи спроведувањето на приоритетите на нејзиниот кабинет, во Брисел се толкува како доказ дека оваа служба има значително поголема политичка тежина отколку што би можела да сугерира нејзината формална големина.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author