15.05.2026 Скопје
Политичката криза во Обединетото Кралство по локалните избори на кои Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер претрпе дебакл, можеби се приближува кон разрешница. Како што неофицијално беше објавено, министерот за здравство Вес Стритинг вчера поднесе оставка, наведувајќи дека ја изгубил довербата во раководството на британскиот премиер Кир Стармер. Стритинг се споменува и како главен предизвикувач на Стармер за раководството на Лабуристичката партија.
Според писмото на Стритинг до Стармер, клучната критика е „недостатокот на јасна насока и визија“ во водењето на земјата и дека постои „вакуум во лидерството“, што ја прави владата да изгледа како да нема јасна претстава за што се залага и какви вредности претставува, објави Ројтерс. „Нема сомнение дека непопуларноста на оваа влада е главен и заеднички фактор во нашите порази низ Англија, Шкотска и Велс“, рече Стритинг.
Тој додаде дека поразот ги зајакнал политичките ривали, Реформ УК, и другите националистички движења. „Сега е јасно дека нема да ја водите Лабуристичката партија на следните општи избори и дека пратениците од Лабуристичката партија и синдикатите сакаат дебатата за тоа што следи да биде битка на идеи, а не на личности или ситни фракционализми“, се вели во писмото на Стиртинг.
Тој, исто така, го критикуваше начинот на кој Стармер ја води партијата и владата, велејќи дека премногу се потпира на централизирана контрола и отстранување на помошници, наместо да охрабрува отворена дебата во рамките на Лабуристичката партија. „Треба да биде широка и да ги вклучува најдобрите можни кандидати. Јас го поддржувам тој пристап и се надевам дека ќе го овозможите“, рече тој.
И покрај ова писмо, Стритинг официјално не ја објави својата желба да ја преземе Лабуристичката партија. Претходно, канцеларката Рејчел Ривс изјави дека натпреварот би „ја фрлил земјата во хаос“.
Стармер засега не се откажува од премиерската функција. Претходно, Анџела Рејнер, која се смета за уште еден потенцијален противник на Стармер, изјави дека ги решила своите проблеми со HMRC, намирувајќи 40.000 фунти неплатен данок на имот, со цел на крајот да влезе во оваа трка без никакви „опашки“.
Стратегијата на Стритинг, според Би-Би-Си, се чини дека е неговите поддржувачи да извршат притисок врз премиерот да поднесе оставка и на тој начин да избегнат пратениците од Лабуристичката партија да мора да одлучат дали да го предизвикаат Кир Стармер. „Ќе почекаме и ќе видиме што ќе направи Кир“, вели висок сојузник на поранешниот министер за здравство, додавајќи: „Сè уште постои шанса Кир да продолжи сам и да го заврши овој хаос“. Поддржувачите на Вес Стритинг тврдат дека тој има поддршка од 81 пратеник потребни за да започне предизвик за лидерство во партијата.
Подготвено од А.Ѓ.