18.05.2026 Скопје
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека е потребно да се зајакнат воените сили на границата со Јужна Кореја со цел таа да се претвори во „неосвојлива тврдина“.
Според Ким, плановите за зајакнување на единиците на фронтовската линија на границата со Јужна Кореја, како и другите големи единици, се клучни за „потемелно одвраќање на војната“. Тој повика на прилагодување на системот за обука и проширување на практичните вежби за да се одразат промените во современото војување и да се редефинираат оперативните концепти во севернокорејската војска.
Ким ја нагласи потребата од будност против „заколнатиот непријател“, термин што Северна Кореја го користи за Јужна Кореја.
Министерството за обединување на Јужна Кореја денес соопшти дека се чини дека ова е прва средба на Ким со командантите на дивизии и бригади откако ја презеде власта, додавајќи дека Сеул ќе продолжи да ги „управува“ воените тензии и да се стреми да изгради доверба.
Здружениот штаб на јужнокорејската армија соопшти дека севернокорејските трупи ги засилија утврдувањата од март во областите во близина на копнената граница меѓу двете Кореи, вклучително и изградбата на ѕидови.
Двете Кореи технички сè уште се во војна откако нивниот конфликт од 1950-53 година заврши со примирје, а не со мировен договор.
Подготвено од А.Ѓ.