22.05.2026 Скопје
Кевин Ворш денес положи заклетва како нов претседател на Федералните резерви на САД (ФЕД), највлијателната централна банка во светот.
Варш формално ја презеде функцијата откако Сенатот го потврди за претседател на ФЕД на 13 мај со тесни 54-45 гласови, главно по партиска линија.
Единствениот демократ кој ја поддржа неговата номинација беше сенаторот Џон Фетерман од американската држава Пенсилванија.
Церемонијата, одржана во познатата Источна соба на Белата куќа, со опширно обраќање на претседателот Доналд Трамп, покажа колку американскиот претседател сака да има влијание врз Федералните резерви и телото кое одлучува за каматните стапки.
„Сакам Кевин да биде целосно независен и да си ја врши работата одлично“, рече Трамп пред Ворш да положи заклетва пред судијата на Врховниот суд Кларенс Томас.
Трамп додаде дека сака Ворш „да си прави по свое“.
Ворш рече дека верува оти животниот стандард на Американците може да се подобри и дека „Федералните резерви имаат некаква врска со тоа“.
„Ќе водам Федерална резерва ориентирана кон реформи“, рече Ворш за институцијата за која вели дека многу ја цени.
Последниот претседател на ФЕД кој положи заклетва во Белата куќа беше Алан Гринспен во 1987 година.
Двајцата претходни претседатели, Џенет Јелен и Џером Пауел, положија заклетва во седиштето на ФЕД на многу поскромни церемонии.
Варш ја презема функцијата во Федералните резерви во предизвикувачки период за централната банка.
Инфлацијата расте, пазарот на трудот е под притисок, а меѓу економистите сè повеќе се формира консензус дека каматните стапки не треба да се намалуваат во скоро време.
Гувернерот на Федералните резерви, Кристофер Волер, кој беше назначен од Трамп, денес изјави дека „веќе не може да ја исклучи можноста за зголемување на каматните стапки во иднина ако инфлацијата не ослабне наскоро“.
Волер додаде дека верува оти следната изјава од комитетот за утврдување на каматните стапки на ФЕД треба јасно да стави до знаење дека „намалувањето на каматните стапки не е поверојатно од зголемувањето на стапките“.
Подготвено од А.Ѓ.