22.05.2026 Скопје
Американскиот државен секретар Марко Рубио денес потврди дека преговорите во кои е вклучен Вашингтон за прекин на војната во Украина се прекинати поради недостаток на напредок, но дека САД се подготвени повторно да им се приклучат доколку се појави можност за постигнување резултати.
Тој ја даде изјавата пред новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска.
„Се вклучивме затоа што ни рекоа дека сме единствените што можат да го направат тоа. Единствените со кои ќе разговараат и Русите и Украинците“, објасни американскиот државен секретар.
Во исто време, тој призна дека преговорите не дале резултати.
„За жал, тие не беа продуктивни“, рече Рубио.
Тој, исто така, ги негираше извештаите за наводен притисок од Вашингтон врз Киев.
„Приказните што се шират дека ги принудувавме Украинците да заземат одреден став не се вистинити“, рече Рубио.
Тој нагласи дека САД се подготвени да продолжат да ги поддржуваат преговорите доколку тие имаат шанса да дадат резултати.
„Во последните неколку месеци почувствувавме дека нема многу напредок, но можеби динамиката ќе се промени… Ако видиме можност да организираме преговори кои се продуктивни, а не контрапродуктивни, и кои имаат шанса да бидат успешни, ние сме подготвени да ја играме таа улога“, рече Рубио.
Тој додаде дека САД не сакаат да учествуваат во „бесконечен циклус состаноци“ кои не даваат резултати.
Според него, оваа војна може да заврши само со договорено решение, а не со воена победа од едната страна во традиционална смисла.
Подготвено од А.Ѓ.