04.05.2026 Скопје
Брзиот пораст на инфлацијата негативно влијае на перспективите за економски раст во азиските земји поради нивната голема зависност од енергија од Блискиот Исток, јавуваат медиумите, повикувајќи се на Азиската банка за развој.
Експертите не исклучуваат дека цените во регионот би можеле да пораснат за 5,2 проценти оваа година, иако претходно беше проектирано зголемување од 3 проценти. Во овој контекст, Азиската банка за развој ја намали прогнозата за раст на БДП во економиите во развој од 5,1 на 4,7 проценти за 2026 година, односно 4,8 проценти за 2027 година.
Според директорот на банката, Масато Канда, регионот се соочува со „продлабочување на кризата“. Земјите, како што изјави, не се борат само со привремени флуктуации, туку и со „системски и долгорочни нарушувања во глобалните енергетски и трговски синџири“.
Главниот економист на HSBC за Азија, Фредерик Нојман, рече дека централните банки низ целиот регион се соочуваат со силни инфлаторни шокови. Иако субвенциите и користењето на резервите можат да помогнат во ублажувањето на проблемот, тој предупреди дека нарушувањата се толку сериозни што ќе се почувствуваат не само во енергетскиот сектор, туку и во прехранбениот сектор и други области.
Министерот за финансии на Бангладеш, Амир Хасру Махмуд Чоудхури, изјави за медиумите дека трошоците за гориво „го исцрпуваат буџетот“, додека инфлацијата во земјата останува над 8 проценти.
Подготвено од А.Ѓ.