AL DZABER

04.05.2026 Скопје

Напуштањето на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) им дава на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) значително поголем простор за забрзување на инвестициите и стратешката експанзија, изјави денес извршниот директор на Националната нафтена компанија Абу Даби (ADNOC), Султан ал-Џабер.

Според него, оваа одлука не е само административна, туку претставува клучен чекор во долгорочното планирање на иднината на земјата.

„Овој потег им служи на нашите национални интереси и долгорочни стратешки цели. Тој е целосно усогласен со нашите индустриски, економски и развојни амбиции, давајќи ни поголема можност да ги забрзаме инвестициите, да го прошириме капацитетот и да создадеме нова вредност“, нагласи ал-Џабер во своето обраќање.

ADNOC во неделата откри детален план за раст кој вклучува доделување договори за нафтени проекти во вредност од 200 милијарди дирхами (приближно 55 милијарди долари).

Средствата се дел од претходно објавена инвестициска програма во вкупна вредност од 150 милијарди долари.

Според ADNOC, компанијата има вкупен капацитет од 4,85 милиони барели дневно, а целта е да се достигне производство од пет милиони барели дневно до 2027 година.

Министерот за енергетика на ОАЕ, Сухаил ал-Мазруи, претходно истакна дека нарушувањата предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток создале специфичен момент што неговата земја го искористила за да донесе одлука за повлекување од картелот ОПЕК, ставајќи го националниот приоритет пред колективната политика.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author