14.05.2026 Скопје
Судот на правдата на Европската Унија пресуди во корист на францускиот издавач на стрипови „Астерикс“ во спорот околу заштитата на трговската марка „Обеликс“, откако поништи претходна одлука на Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (EUIPO) во врска со регистрацијата на тоа име за полска компанија за оружје.
Издавачот „Le Editione Albert René“, кој е сопственик на регистрираната трговска марка „Obelix“ од 1998 година и ја користи за книги, облека и игри, ја оспори одлуката на EUIPO да го отфрли барањето за прогласување на новорегистрираната трговска марка за неважечка, објави „Ројтерс“. Спорната трговска марка „Obelix“ е регистрирана во 2022 година за полска компанија во областа на оружје и муниција.
Францускиот издавач тврдеше дека ова ја искористува препознатливоста и угледот на познатиот лик од серијата стрипови „Астерикс“ и дека може да му наштети на имиџот. EUIPO претходно го отфрли барањето на издавачот, оценувајќи дека не е докажано надвор од разумно сомнение дека трговската марка „Обеликс“ стекнала доволен углед и дека нема повреда на правата бидејќи станува збор за сосема различни видови производи – стрипови и оружје.
Сепак, Судот на правдата на ЕУ го отфрли таквото образложение, утврдувајќи дека анализата на EUIPO е нецелосна и погрешна. Судот изјави дека Заводот не ги разгледал соодветно доказите за јачината и препознатливоста на трговската марка и не ги зел предвид материјалите што укажуваат дека компанијата за одбрана го поврзала знакот со марката „Астерикс“.
Пресудата претставува делумна победа за францускиот издавач, а случајот може понатаму да се разгледува пред Судот на правдата на Европската Унија во жалбена постапка.
Подготвено од А.Ѓ.