PROTEST

18.05.2026 Скопје

Минатата година, 2.707 лица беа погубени во 17-те земји каде што е воведена смртна казна, што е најголем број на егзекуции од 1981 година, објави невладината организација Амнести Интернешнл.

Во својот извештај „Смртни казни и егзекуции 2025“, Амнести интернешнл наведува дека неколку земји се одговорни за наглото зголемување на егзекуциите, предводени од Иран, каде што минатата година беа егзекутирани најмалку 2.159 лица, повеќе од двојно повеќе од бројот во 2024 година.

На второ место е Саудиска Арабија, која минатата година изврши најмалку 356 егзекуции, главно за злосторства поврзани со дрога.

Егзекуциите во Кувајт се зголемија речиси трипати од 2024 година, од шест на 17 минатата година, додека речиси се дуплираа во Египет – од 13 на 23, Сингапур – од девет на 17 и САД – од 25 на 47.

Во споредба со 2024 година, кога беа регистрирани најмалку 1.518 егзекуции, егзекуциите се зголемија за 78 проценти минатата година.

Вкупниот број на егзекуции во 2025 година не ги вклучува илјадниците егзекуции за кои, според „Амнести интернешнл“, се верува дека се извршени во Кина.

Генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард, изјави дека „ова алармантно зголемување на употребата на смртната казна е резултат на мала, изолирана група држави кои се подготвени да извршуваат егзекуции по секоја цена, и покрај континуираниот глобален тренд кон укинување“ на смртната казна.

Смртни казни се извршуваат во Кина, Египет, Иран, Ирак, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Сомалија, САД, Виетнам, Јемен, Јапонија, Јужен Судан, Тајван и Обединетите Арапски Емирати.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author