07.05.2026 Скопје
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп усвои нова национална стратегија за борба против тероризмот, која, покрај нарко-картелите и исламистичките организации, како еден од приоритетите ги наведува и активностите на насилните левичарски екстремистички групи, вклучувајќи ги анархистичките и антифашистичките организации.
Во документот на Белата куќа се наведува дека САД се соочиле со нови категории и комбинации на насилни актери, што, како што се истакнува, ги направило претходните модели на борба против тероризмот недоволни. Трите главни групи на закана се наведени како наркотерористи и транснационални банди, традиционални исламистички терористички организации и насилни левичарски екстремисти, меѓу кои особено се споменуваат анархистите и антифашистите.
Особено е важен делот од стратегијата во кој се наведува дека американските антитерористички активности ќе бидат насочени кон брзо идентификување и неутрализирање на насилни секуларни политички групи чија идеологија, според документот, е антиамериканска, радикално протрансродова и анархистичка. Стратегијата додава дека властите ќе ги користат сите уставно достапни алатки за мапирање на таквите групи, нивното членство и врските со меѓународни организации како Антифа.
Директорот за борба против тероризмот во Белата куќа, Себастијан Горка, изјави дека претседателот Трамп го потпишал документот и дека неговиот основен принцип е дека Америка мора да биде заштитена како татковина. Според него, прв приоритет на стратегијата останува неутрализирање на заканите на западната хемисфера, првенствено оневозможување на картелските операции поврзани со шверц на дрога, луѓе и членови на банди во Соединетите Американски Држави.
Во документот, како една од причините за новиот пристап, се наведуваат и политички мотивирани убиства на конзервативци и христијани, особено убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк. Белата куќа го поврзува случајот со, како што се наведува во стратегијата, насилниот левичарски екстремизам, додека Горка наведува дека стратегијата ќе ги вклучи и десничарските групи кои поттикнуваат насилство.
Во случајот Кирк, адвокатите на Тајлер Џејмс Робинсон, човекот обвинет за неговото убиство, побараа одложување на прелиминарното рочиште закажано за мај, велејќи дека им треба повеќе време за да го анализираат обемниот материјал и балистичките докази. Според судските поднесоци, анализата на Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви не била во можност убедливо да го поврзе фрагментот од куршум пронајден за време на обдукцијата со пушката пронајдена во близина на местото на нападот, додека ФБИ спроведува дополнителни тестови. Робинсон е обвинет за тешко убиство, а обвинителите планираат да бараат смртна казна; тој сè уште не се изјаснил за виновен.
Подготвено од А.Ѓ.