kamioni (1)

06.04.2026 Скопје

Според министерот за транспорт, Александар Николоски, ЕЕС-системот за влез во ЕУ до 30 септември треба да почне да се применува за македонските транспортери и смета дека дотогаш има време да се завршат сите процедури. Инаку, за сите други граѓани, на Велики петок стартува EEС-системот, на крајот од годинава ќе следува и ETIAS, со здравствен скрининг. Новиот систем EES за оние што ќе патуваат во ЕУ носи постојан надзор на границите и детална регистрација на секое влегување и излегување од ЕУ, додека ETIAS ќе воведе задолжително онлајн одобрение за патување. За патниците од регионот тоа значи дополнителни проверки и нови процедури, но и побрза обработка на податоците на граничните премини.

Преговорите за решавање на проблемот на транспортерите за влез и излез од ЕУ се одвиваат добро, вели министерот за транспорт, Александар Николоски, откако Европската комисија го воведе ЕЕС- системот за влез во ЕУ. Тој смета дека до 30 септември, кога треба да почне да се применува тој за македонските транспортери, има време да се завршат сите процедури.

Преговорите одат добро. Во делот на камионите и во делот на автобусите, системот ќе почне да се применува од 30 септември. Значи, веќе добивме одложување. Тоа е доволен период да се завршат сите процедури. Одиме на долгорочни визи. Швајцарија веќе ги воведе и веќе се издаваат. Во Хрватска, законот е во Саборот.  Очекуваме за неколку седмици да биде усвоен. Во Романија влезе во процедура. Во Унгарија добивме ветување, при последната посета, дека по завршувањето на изборите и формирањето на Парламентот, исто така, ќе влезе законот во процедура – изјави Николоски.

Тој најави дека во втората половина на април македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе оди во Австрија, каде што, на средбите, ова ќе биде една од главните точки.

Останува уште Германија, и со тоа главните маршрути на македонските транспортери се решени. Сега, како следна голема маршрута е Велика Британија, но имајќи предвид дека таа е надвор и од Европската Унија и од Шенген-зоната, таму има посебни правила, кои и досега се применуваа – рече Николоски.

Инаку, за сите други граѓани што ќе патуваат во ЕУ, од 10 април, на Велики петок, Европската Унија ќе го стави во функција новиот систем за влез и излез – EEС, со што значително се менуваат правилата за патување за граѓаните од регионот.

Датумот се совпаѓа со почетокот на велигденските празници за православните верници и училишните распусти, период кога, традиционално, се зголемува бројот на патувања кон европските дестинации.

Како што јавуваат од Европската комисија, со новите правила системот ќе работи непрекинато – 24 часа дневно, за разлика од досегашната практика кога функционираше повремено. Тоа значи подетална и постојана евиденција на секое влегување и излегување од земјите членки, со цел засилена контрола на границите.

Но, ова е само дел од пошироките промени. На крајот од 2026 година, ЕУ ќе го воведе и системот EТИАС – задолжително онлајн овластување за патување за граѓаните од земјите на кои не им е потребна виза. Покрај административната процедура, ќе има и автоматски здравствени проверки. Според официјалното објаснување од Брисел, целта не е собирање медицински досиеја, туку навремено препознавање на потенцијалните закани за јавното здравје, особено во услови на глобални епидемии и зголемени ризици поврзани со патувањата.

Станува збор за дигитален скрининг што се врши при пополнување на апликацијата. Патниците ќе треба да внесат основни лични податоци, информации за патувањето, како и податоци за претходните престои во странство.

Системот автоматски ги анализира овие информации и ги споредува со меѓународните индикатори за ризик.

Доколку системот детектира одреден ризик, апликацијата нема веднаш да биде одбиена. Наместо тоа, ќе биде испратена на дополнителна проверка од надлежните национални власти, а во некои случаи може да се побараат и дополнителни информации од апликантот. За најголем дел од патниците, процесот ќе остане брз и едноставен – се очекува да се добие одобрението во рок од неколку минути и ќе важи за повеќекратни патувања, сè додека е валиден пасошот – појаснуваат од Брисел.

Сепак, важно е да се нагласи дека EТИАС не гарантира влез во Европската Унија.

Конечната одлука ја носи граничната полиција, при самото пристигнување.

Експертите советуваат граѓаните да аплицираат навреме, внимателно да ги проверуваат внесените податоци и редовно да ги следат актуелните здравствени правила. Неточните или погрешно внесени информации, дури и од пасошот, може да доведат до одложување или дополнителна проверка на граница.

Според најавите, ЕТИАС ќе биде задолжителен за влез во околу 30 европски земји за краткорочен престој и ќе чини 20 евра од лице.

Подготвено од М.Д.

About Author