benzin-696x467

06.04.2026 Скопје

Владата донесе одлука акцизата за дизелот да се намали за 4 денари, а на бензините за 2 денари, како и да продолжи намалениот ДДВ до крајот на кризната состојба. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на вонредната владина седница.

Ја продолжуваме до крајот на кризната состојба мерката за намалување на ДДВ за горива од 18% на 10%, а истовремено донесовме одлука со којашто преку оваа кризна состојба на Регулаторната комисија за енергетика да и се овозможи да ги намали акцизите за дизелот за 4 денари, а за бензинот за 2 денари по литар – соопшти Мицкоски кој истакна дека без овие мерки цената на горивата би преминале над 100 денари за литар.

Тој најави дека ОКТА ќе го продолжи својот попуст до крајот на месец април. Со тоа, рече Мицкоски, цената за дизелот ќе биде иста како и до сега, а за бензинот ќе има дополнително намалување од 2 денари по литар.

Тој истакна дека дневната потрошувачка на горива достигнува два милиони литри, а на одредени бензински пумпи рече дека потрошувачката е тројно зголемена поради притисокот од граѓаните на соседните држави кои доаѓаат да полнат гориво поради пониските цени.

Премиерот смета дека нема потреба од мерки, бидејќи во разговор со трговците со горива било утврдено дека има доволно горива и домашните потрошувачи нема да бидат загрозени.

Подготвено од М.Д.

About Author