28.04.2026 Скопје
Војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас остави 96 проценти од обработливото земјиште во Појасот Газа оштетено или недостапно, според студија објавена денес од хуманитарната организација „Мерси Корпс“.
Резултатите од студијата покажуваат дека само седум проценти од земјоделската инфраструктура на палестинската енклава е сè уште функционална.
Според „Мерси Корпс“, водоводните системи се сериозно деградирани, бунарите се оштетени, соленоста е зголемена, а отпадните води се пробиваат во земјоделското земјиште.
„Ова уништување не е само еколошко, туку е директно поврзано со кризата со храна“, соопшти организацијата.
Во извештајот се предупредува дека целосното обновување на обработливото земјиште во Газа би можело да се одложи со години ако Израел продолжи да ја ограничува испораката на стока и ако проблемот со контаминацијата на почвата и водата не се реши.
Октомврискиот прекин на огнот ги запре жестоките борби во Газа и овозможи поголем прилив на хуманитарна помош, но групите за човекови права предупредуваат дека се потребни повеќе напори за решавање на недостигот од храна во енклавата разурната од војната.
Во периодичниот извештај за хуманитарната состојба претходно овој месец, Канцеларијата на Обединетите нации за хуманитарни прашања соопшти дека има пад на достапноста на свежа храна, при што жителите на Газа консумираат зеленчук во просек 1,8 дена во неделата, што е намалување од 2,5 дена во неделата на почетокот на март.
Подготвено од А.Ѓ.