https://www.facebook.com/photo.php?fbid=589574345863710&set=pb.100044334494154.-2207520000..&type=3

28.04.2026 Скопје

Шпанскиот премиер Педро Санчез во вторникот ја бранеше политиката на неговата земја за добредојде на мигрантите и ги повика големите градови низ целиот свет да станат „светилишта на различноста“, нагласувајќи дека локалните власти треба да им обезбедат поддршка на сите жители без оглед на потеклото или статусот.

„Ве повикувам да продолжите да водите на локално ниво, секогаш со вашите граѓани, без разлика колку долго се регистрирани или од која земја доаѓаат“, рече Санчез на собирот на градоначалници на големи градови на настанот на Фондацијата за филантропија „Блумберг“ во Мадрид.

За време на своето обраќање, Санчез ги истакна и таканаречените „градови на засолниште“, додавајќи дека таквите градови се спротивставуваат на притисокот од моќните актери и стануваат „првата врата што се отвора за оние на кои им е потребна помош“.

Шпанија овој месец започна сеопфатен процес преку кој владата очекува да додели дозволи за престој на околу 500.000 луѓе кои веќе живеат во земјата без легален статус.

Иницијативата е невообичаена во Европа, каде што, според Блумберг, другите земји се повеќе фокусирани на депортирање на нерегуларни мигранти.

Во Шпанија, Санчез се соочува со отпор од десничарските партии Народна партија и Вокс, кои бараат построги мерки за миграцијата.

Шпанија е најуспешната голема економија во еврозоната во последниве години, поддржана од миграцијата, силниот туризам и ниските цени на енергијата.

Владата очекува раст од 2,2 проценти оваа година, што е далеку над проекцијата на Европската централна банка за еврозоната од 0,9 проценти.

Буџетскиот дефицит е намален на под три проценти, додека јавниот долг е околу 100 проценти од бруто домашниот производ, што е намалување од 124 проценти за време на пандемијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author