What OPEC Production Cuts Mean for Midstream

28.04.2026 Скопје

Обединетите Арапски Емирати објавија дека ја напуштаат Организацијата на земјите извознички на нафта, како и поширокиот формат ОПЕК+, а одлуката стапува на сила на 1 мај 2026 година.

Одлуката е еден од најсериозните удари врз ОПЕК во последните години, со оглед на тоа што ОАЕ се главен член на организацијата речиси шест децении и клучен производител на нафта во Персискиот Залив. Ројтерс проценува дека излегувањето на Абу Даби би можело да го ослабне единството на групата и дополнително да ги комплицира односите во рамките на ОПЕК+, особено во време на зголемени нарушувања на глобалниот пазар на енергија.

Во соопштението објавено од државната новинска агенција WAM се вели дека одлуката е донесена по „сеопфатен преглед“ на производствената политика на ОАЕ, сегашните и идните капацитети и проценка на националниот интерес. Абу Даби соопшти дека ќе остане „одговорен и сигурен“ производител дури и по напуштањето на организацијата, со цел да придонесе за стабилноста на глобалниот пазар на енергија.

Одлуката доаѓа во чувствителен момент за пазарот на нафта, додека земјите производители се справуваат со последиците од кризата на Блискиот Исток и неизвесноста околу понудата. Излегувањето на ОАЕ е особено тежок удар за Саудиска Арабија, која се смета за де факто лидер на ОПЕК и еден од главните играчи во хармонизирањето на производствените квоти.

ОПЕК+ се согласи на почетокот на април да го зголеми производството за мај за 206.000 барели дневно, како дел од постепеното враќање на претходно намалените количини на пазарот. Одлуката во тоа време беше претставена како чекор кон стабилизирање на пазарот, но сегашниот потег на ОАЕ отвора прашања за тоа колку форматот на ОПЕК+ ќе може да ја одржи внатрешната дисциплина и да влијае на цените на нафтата.

Аналитичарите очекуваат пазарите внимателно да следат дали ОАЕ, по формалното напуштање на организацијата, ќе го зголеми производството во согласност со сопствениот капацитет и националната стратегија. Таквиот потег би можел да влијае на цените на нафтата, но и на политичката рамнотежа меѓу главните извозници во Заливот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author