velika britanija london

30.04.2026 Скопје

Нивото на терористичка закана во Велика Британија денеска е подигнато од „значајно“ на „сериозно“, што значи дека напад е „многу веројатен во наредните шест месеци“, соопшти Заедничкиот центар за анализа на тероризам (ЈТАЦ).

Како што се наведува, одлуката е донесена по напад со нож во лондонската населба Голдерс Грин, но и поради поширокиот раст на заканите од исламистички и екстремно десничарски тероризам, кои доаѓаат од поединци и помали групи во земјата, објавено е на веб-страницата на британската влада.

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд оцени дека вчерашниот напад бил „грозоморен чин на антисемитски тероризам“ и порача дека владата ќе направи сè за да ја заштити еврејската заедница и да го сузбие антисемитизмот. Таа додаде дека државата ќе ги зголеми финансиските средства за безбедност на еврејските заедници, вклучително и дополнителни 25 милиони фунти (околу 30 милиони евра) за полицијата и заштита на синагоги, училишта и заеднички центри. Вкупните средства за таа намена оваа година ќе достигнат 58 милиони фунти (околу 68 милиони евра), што претставува најголема инвестиција досега, а дел од средствата ќе бидат насочени и кон проширување на програмата „Проект Серватор“, која подразбира распоредување на специјално обучени полицајци во заедниците.

„Владата денеска најави значително зголемување на инвестициите за заштита на нашите еврејски заедници, со рекордно финансирање за полицијата и безбедноста во синагогите, училиштата и заедничките центри. И ќе направиме сè што е во наша моќ да го ослободиме општеството од злото на антисемитизмот“, порача Махмуд. Таа ги повика граѓаните на внимателност и да пријават секоја сомнителна активност, истакнувајќи дека безбедносните служби работат непрекинато за да ја заштитат земјата.

Британскиот премиер Кир Стармер порача дека државата ќе ги употреби „сите расположливи средства“ во борбата против антисемитизмот и заштитата на еврејската заедница и ги повика граѓаните да ги препознаат стравот и страдањето со кои се соочуваат припадниците на таа заедница. Тој се обрати од Даунинг стрит, неколку часа откако за време на посетата на населбата Голдерс Грин беше исвиркан од група демонстранти, пренесува „Лондон Ивнинг Стандард“.

Полицијата соопшти дека осомничениот за нападот претходно бил вклучен во програма за превенција на екстремизам, но таа постапка била затворена истата година. Терористичката закана во Британија последен пат беше на ниво „сериозно“ во ноември 2021 година, по бомбашкиот напад пред болница во Ливерпул и убиството на пратеникот Дејвид Ејмес, пред да биде намалена на почетокот на 2022 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author