30.04.2026 Скопје
Под стратешкото водство на кинескиот и американскиот претседател, Си Џинпинг и Доналд Трамп, кинеско-американските односи останаа генерално стабилни, изјави денеска шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји во телефонски разговор со својот американски колега Марко Рубио.
Ванг Ји истакна дека дипломатијата на ниво на шефови на држави отсекогаш била ѕвезда-водилка во кинеско-американските односи, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Кина. Како што се наведува, тоа е во согласност со фундаменталните интереси на народите на двете земји и ги исполнува општите очекувања на меѓународната заедница.
Во соопштението се додава дека двете страни треба да ја зачуваат тешко стекнатата стабилност, да се подготват за важни интеракции на високо ниво, да ја прошират соработката, како и правилно да пристапуваат кон разликите во ставовите и да истражат градење на стратешки, конструктивни и стабилни односи меѓу Кина и САД, со цел постигнување меѓусебно почитување, мирна коегзистенција и заемно корисна соработка.
Ванг Ји исто така нагласи дека прашањето за кинескиот регион Тајван се однесува на основните интереси на Кина и дека претставува најризична точка во односите меѓу Кина и Америка. Како што се наведува во соопштението, САД треба да ги почитуваат своите обврски, да направат правилен избор, да отворат нов простор за соработка меѓу Кина и САД и да вложат соодветни напори за светски мир.
Рубио изјави дека односите меѓу Вашингтон и Пекинг се најважните билатерални односи во светот, како и дека дипломатијата на шефови на држави е во сржта на односите меѓу САД и Кина.
Како што се наведува, двете страни треба да одржуваат комуникација и координација, меѓусебно да се почитуваат, правилно да ги решаваат разликите и да се стремат кон стратешка стабилност во односите меѓу Америка и Кина. Двете страни исто така разменија мислења за ситуацијата на Блискиот Исток и за други прашања.
Подготвено од А.Ѓ.