LICE MESTA

30.04.2026 Скопје

Повеќе од 1.000 домаќинства се евакуирани во градот Плимут откако на градилиште била пронајдена неексплодирана бомба од Втората светска војна.

Полицијата вчера околу 14:30 часот била повикана во населбата Саутвеј, по пријава за сомнителен експлозивен предмет, соопштија надлежните. На терен биле испратени стручњаци за неексплодирани убојни средства (UXO) од британската Кралска морнарица, кои во текот на ноќта ја анализирале направата, додека во зоната бил воспоставен безбедносен појас од 400 метри.

Градскиот совет на Плимут соопшти дека подоцна е потврдено дека се работи за германска бомба SC250 тешка 250 килограми, фрлена од воздух за време на Втората светска војна. На локацијата биле донесени повеќе од 400 тони песок, кои стручњаците ги користат за стабилизација и обезбедување на експлозивната направа, а во тек е и употреба на специјална рендгенска опрема за детална анализа.

Полицијата и другите служби продолжуваат со обиколки од врата до врата за да ги известат жителите и да ги повикаат да ги напуштат домовите заради сопствена безбедност.

Властите соопштија дека враќањето во зоната е забрането додека бомбата не биде обезбедена, со напомена дека операцијата ќе трае неодредено време.

Евакуираните граѓани се сместени кај роднини и пријатели или во привремен сместувачки капацитет обезбеден од градот, додека дел од училиштата во зоната се затворени, а јавниот превоз е нарушен.

Слична операција беше изведена и пред две години во истиот град, кога беше пронајдена уште една германска бомба од Втората светска војна, која по евакуацијата беше детонирана на море.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author