30.04.2026 Скопје
Бројот на невработени во Германија се намалил во април за 13.000 во однос на март, но и понатаму останува над три милиони, што укажува на стагнација на пазарот на трудот, објави денеска Сојузната агенција за работа (BA).
На годишно ниво, бројот на невработени е поголем за 77.000 во споредба со април 2025 година, додека стапката на невработеност остана непроменета на 6,4 отсто, пренесува „Виршафтсвохе“.
Директорката на Сојузната агенција за работа, Андреа Налес, оцени дека „пресврт на пазарот на трудот сè уште не е на повидок“, нагласувајќи дека сезонското пролетно подобрување оваа година е послабо од претходните.
Побарувачката за работна сила покажува знаци на стабилизација, но на ниско ниво.
Во април во Германија биле регистрирани 641.000 слободни работни места, што е околу 5.000 помалку од пред една година.
Истовремено, бројот на корисници на надомест за невработеност пораснал на 1,07 милиони, што е 93.000 повеќе од лани, додека бројот на корисници на социјална помош паднал за 125.000, на 3,826 милиони лица.
Проблемите се видливи и на пазарот на образование и вработување на младите.
Приближно 211.000 млади сè уште немаат пракса или работа, додека истовремено постојат 217.000 непополнети места за обука, главно поради неусогласеност на квалификациите и локацијата.
Подготвено од А.Ѓ.