30.04.2026 Скопје
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави денеска дека Украина во моментов чека продолжување на мировните преговори со Русија, но дека целиот процес е дополнително забавен поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, вклучително и војната меѓу Израел и Иран.
Зеленски рече дека Киев нема нови информации ниту од Москва ниту од Вашингтон за можен продолжеток на преговорите, кои беа прекинати по претходната рунда во Женева, додека, како што наведе, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер сè уште ја разгледуваат можноста за посета на Киев.
Тој оцени дека развојот на ситуацијата во регионот на Иран може директно да влијае врз динамиката на мировните разговори меѓу Украина и Русија.
Зеленски истакна дека нема нови индикации кога или каде би можеле да се одржат разговорите организирани од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Мислам дека сè зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата на Блискиот Исток“, изјави Зеленски во телефонско интервју за американска агенција.
Украинскиот лидер ги повика САД и Европа да ги задржат санкциите против Русија и да не наседнуваат на обидите на Москва за нивно ублажување.
„Мислам дека Русија може да покрене прашање за прекин на огнот во замена за укинување на санкциите за одредени претпријатија. Знам дека тие го отвораат прашањето за укинување на санкциите со кои се исклучени од SWIFT системот, за нивните банки да можат да функционираат. За Украина, сето ова е голем ризик“, додаде тој.
Зеленски рече дека поканата до изасланиците на Трамп, Виткоф и Кушнер, за посета на Киев останува во сила.
„Иако сè уште не одговориле, тие се во контакт со своите украински колеги по телефон“, наведе тој.
Коментирајќи го телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за можноста за краткорочно примирје околу 9 мај, кога Русија го одбележува Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна, Зеленски повтори дека не добил никакви официјални или неофицијални предлози ниту од Москва ниту од Вашингтон.
Тој додаде дека им наложил на своите дипломати да стапат во контакт со САД за детали пред да се донесе каква било одлука.
Зеленски истакна дека многу земји, меѓу кои и Украина, на 8 мај го одбележуваат Денот на сеќавање на жртвите од Втората светска војна, додавајќи дека сè уште не е јасно на кој временски период мисли Путин кога зборува за прекин на огнот.
Тој додаде дека смета дека Кремљ бара еднодневно или неколкудневно примирје, пред сè за да ја заштити својата годишна воена парада во Москва од можни украински напади.
„Тие сакаат парадата да помине мирно неколку часа, а потоа нападите да продолжат. Ние не сакаме ниту едно примирје да стане тактичка измама на Руската Федерација“, рече Зеленски.
Истовремено, тој истакна дека ги поддржува иницијативите за прекин на огнот кои помагаат во заштита на цивилите и олеснување на размената на заробеници.
„Секогаш позитивно реагираме на вистински предлози за прекин на огнот со Русија, ако тие постојат“, заклучи претседателот на Украина.
Подготвено од А.Ѓ.