30.04.2026 Скопје
Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј оцени дека Европа се наоѓа на раб на изумирање, обвинувајќи ги европските политички елити дека го довеле континентот во криза преку комбинација од миграциска политика, зелена агенда, либерален пристап кон абортусот и неодржлив пензиски систем.
Милеј ова го изјави за време на економска презентација во Палатата на слободата во Буенос Аирес, во рамки на расправа посветена на Џон Мејнард Кејнс и неговата „Општа теорија“. Аргентинскиот претседател, зборувајќи за економските и демографските проблеми во Европа, наведе дека европскиот континент е во хаос и дека европските лидери, наместо да ги решаваат причините на кризата, се обиделе да ги ублажат последиците од своите политики преку увоз на луѓе.
Според неговата оцена, еден од клучните проблеми на Европа е банкротиран пензиски систем, кој, како што тврди, е создаден во услови на погрешни економски и општествени одлуки. Милеј посебно ја критикуваше политиката што ја нарекува зелена агенда, како и односот на европските власти кон миграцијата и прашањето за абортусот.
„Така Европа денес е на раб на изумирање“, рече Милеј, тврдејќи дека последиците од тие политики сега јасно се гледаат. Според „Кларин“, аргентинскиот претседател во истиот настап застапувал ставови блиски до оние што во јавноста ги изнесува американскиот претседател Доналд Трамп, особено во делот на критиката на миграциската политика и леволибералните агенди на Западот.
Милеј и претходно остро го критикуваше европскиот политички модел, оценувајќи дека континентот, под влијание на бирократски, еколошки и социјалистички концепти, ја изгубил економската виталност и способност самостојно да одговори на сопствените демографски и финансиски предизвици.
Неговото најново обраќање во Буенос Аирес се вклопува во поширокиот политички курс на аргентинскиот претседател, кој од доаѓањето на власт настапува како еден од најгласните критичари на државниот интервенционизам, прогресивните идеологии и моделот на социјална држава на Западот.
Подготвено од А.Ѓ.