meta

30.04.2026 Скопје

Американската технолошка компанија Мета објави дека нејзиниот приход во првиот квартал од 2026 година пораснал за 33 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 56,3 милијарди долари, што е над очекувањата на аналитичарите. Сепак, акциите паднаа за дури седум отсто поради стравувањата од најавените огромни инвестиции во вештачка интелигенција (AI) без јасен план за монетизација.

Кварталната нето добивка на Мета изнесува 26,8 милијарди долари, односно 10,44 долари по акција, значително повеќе во споредба со 16,6 милијарди долари и 6,43 долари по акција во истиот период минатата година.

Компанијата соопшти дека очекува капитални трошоци во опсег од 125 до 145 милијарди долари за целата година, што е над претходните проценки и очекувањата на аналитичарите.

Зголемените трошоци се поврзани со развојот на AI инфраструктурата, но и со растот на цените на компонентите и изградбата на дата-центри.

Извршниот директор Марк Закерберг порача дека компанијата има доверба во својата AI стратегија, но призна дека сè уште не постои прецизен план за монетизација на сите производи кои се во развој.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквото ниво на трошење го зголемува ризикот, особено затоа што AI производите на Мета сè уште заостануваат зад водечките конкуренти по ангажман на корисници и пазарно влијание.

И покрај одличните финансиски резултати, бројот на дневно активни корисници благо падна на квартално ниво на 3,56 милијарди, што претставува прв пад на овој показател.

Мета наведе дека причините се геополитички фактори, вклучувајќи ограничувања на интернет пристап во одредени земји.

Компанијата се обидува да ги ублажи трошоците преку намалување на бројот на вработени и оптимизација на работењето, вклучително и планирани отпуштања на илјадници работници во текот на годината.

Во поширок контекст, и други технолошки компании ги зголемуваат инвестициите во AI, но за разлика од Мета, конкурентскиот Алфабет успеа да ги охрабри инвеститорите благодарение на подобри резултати и појасен пат кон монетизација, што дополнително ја нагласува разликата во пазарната перцепција.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author