HUMANITARNA FLOTILA

30.04.2026 Скопје

Министерството за надворешни работи на Шпанија денеска итно го повика отправникот на работи на израелската амбасада во земјата со цел најостро да го осуди приведувањето на членовите на Глобалната флотила Сумуд, во која имало околу 30 шпански државјани.

Извори од министерството наведуваат дека шпанската амбасада и конзулатот во Израел, заедно со другите мисии во регионот и Конзуларната единица за итни случаи, остануваат „целосно оперативни и одржуваат директен контакт со организаторите на Флотилата“.

Неколку часа претходно, шпанското Министерство за надворешни работи ја активирало амбасадата во Израел за да обезбеди помош за сите Шпанци кои би можеле да бидат меѓу приведените активисти.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, остро ја критикуваше акцијата на израелските сили, оценувајќи дека станува збор за кршење на меѓународното право. Тој ја повика Европската унија да реагира и да изврши притисок врз Израел. „Нашата влада прави сè што е потребно за да ги заштити и помогне приведените Шпанци. Но, тоа не е доволно. ЕУ мора да го суспендира договорот за придружување веднаш и да побара (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху да го почитува меѓународното право“, додаде тој.

Според организаторите, иницијативата, насочена кон Појасот Газа со цел пробивање на поморската блокада и испорака на хуманитарна помош за палестинското население, соопштила дека 22 нејзини пловила – од вкупно 58 учесници – биле пресретнати од израелските сили во меѓународни води во близина на Грција и на околу 1.000 километри од израелскиот брег.

Тие наведуваат и дека одредени летала и бродови ја попречувале комуникацијата, како и дека некои пловила останале без погон.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека во акцијата биле уапсени околу 175 активисти од различни националности, вклучително и државјани на Италија, Франција и Шпанија.

Пратеникот на Израел во ОН, Дени Данон, изјави дека „уште една провокативна флотила е пресретната пред да стигне“ и порача дека израелските власти постапиле за да спречат кршење на поморската блокада на Газа, додавајќи дека нивните сили делувале „професионално и одлучно“.

Преостанатите бродови од Флотилата, според организаторите, сè уште се наоѓаат во близина на Крит.

Флотилата, која брои вкупно 58 бродови, минатата недела испловила од италијанското пристаниште Аугуста, со план да мине низ грчките води за да стигне до бреговите на Турција, со крајна цел да пристигне во Појасот Газа и таму да достави хуманитарна помош.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author