VENS1

30.04.2026 Скопје

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, изјави денеска дека внимателно ја следи воената подготвеност на земјата, демантирајќи ги наводите на весникот „The Atlantic“ според кои наводно бил загрижен поради намалување на капацитетите како последица на војната на САД и Израел против Иран.

Тој рече дека во извештајот се наведуваат коментари за кои е „стопроцентно сигурен дека никогаш не ги изговорил“, додавајќи дека голем дел од текстот се потпира на неименувани извори.

„Сигурен сум дека никој што навистина знае што мислам, ниту некој близок до мене, не разговарал со тој новинар“, изјави Венс, оценувајќи дека приказната би била сосема поинаква доколку се потпирала на неговите блиски соработници.

На прашањето дали е навистина загрижен за состојбата на американската војска, Венс рече дека дел од неговата улога е да остане внимателен.

„Секако дека сум загрижен за нашата подготвеност, затоа што тоа е мојата работа“, истакна тој.

Истовремено, Венс изрази доверба во раководството на администрацијата во областа на националната безбедност, посочувајќи ги министерот за одбрана Пит Хегсет и началникот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн, за кои рече дека вршат „неверојатна работа“.

„Имаме одлична војска. Не верувајте на сè што ќе прочитате“, додаде Венс.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author