TIRK

30.04.2026 Скопје

Иран погубил најмалку 21 лице од почетокот на војната против Соединетите Американски Држави и Израел и уапсил повеќе од 4.000 лица по обвиненија за загрозување на националната безбедност, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк.

Според неговите зборови, најмалку девет лица биле погубени во врска со протестите во јануари, околу десет поради наводно членство во опозициски групи, а две лица под обвинение за шпионажа.

„Запрепастен сум што, и покрај веќе тешките последици од конфликтот, правата на иранскиот народ и понатаму се загрозени од иранските власти на груб и брутален начин“, изјави Тирк, повикувајќи го Техеран да ги запре понатамошните егзекуции и да воведе мораториум на примената на смртната казна.

Тој додаде дека многу од приведените биле „присилно одведени, мачени или изложени на други облици на сурово, нечовечко и понижувачко постапување, вклучително и присилни, понекогаш и медиумски пренесувани признанија и егзекуции“.

Наведе дека лицата од етничките и верските малцинства се особено изложени на ризик.

„Десетици затвореници се префрлени на непознати локации без информации за нивната судбина, меѓу кои е и адвокатката за човекови права Насрин Сотуде“, истакна Тирк, додавајќи дека здравствената состојба на добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади, наводно се влошила по срцев удар по нејзиното апсење.

Тирк додаде дека двајца притвореници починале во затвор, со индиции дека биле изложени на мачење.

Минатата недела организацијата „Иран Хјуман Рајтс“ со седиште во Норвешка соопшти дека биле уапсени најмалку 3.646 лица, а 767 случаи биле пријавени по почетокот на прекинот на огнот на 8 април.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author