30.04.2026 Скопје
Македонија се најде три места пониско, на 45. место од претходните 42, според најновиот индекс за слобода на медиумите на организацијата „Репортери без граници“. Земјата е класифицирана во групата со „проблематична“ состојба, а пад е забележан кај сите пет клучни индикатори што ја мерат слободата на медиумите.
Во извештајот за Македонија се нотираат сериозни проблеми:
„Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, треба да се направи разлика меѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и индивидуални портали кои плагираат и препишуваат туѓа содржина. Постои и голема разлика меѓу гледаност и доверба: најгледаните телевизиски канали – ‘Алсат’, ‘Сител’, ‘МТВ1’, ‘Канал 5’ – имаат низок индекс на веродостојност“, се наведува во извештајот за медиумската средина во земјата.
Се наведува и дека претставниците на власта често имаат лош и понижувачки однос кон новинарите.
„Општата состојба останува поволна за слобода на печатот, но државните институции не се доволно транспарентни, а критичкото новинарство сè почесто е изложено на напади. Поради силна политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените, и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (власт и опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои вршат политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка ниту финансиска независност“, стои во извештајот на „Репортери без граници“ за Македонија.
Од земјите на Балканот, во групата со „задоволителна“ состојба се само Словенија (36) и Црна Гора (41). Во групата со „проблематична“ состојба, каде што е и Македонија, се и Хрватска (53), Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86). Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата со „тешка“ состојба во однос на слободата на медиумите.
Десетта година по ред првото место го држи Норвешка, додека Еритреја е на последното место. Најголем напредок бележи Сирија, по падот на долгогодишниот диктатор Башар ал-Асад, со скок од 36 позиции.
За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба кога станува збор за слободата на медиумите. Во последните 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии никогаш не бил толку низок.
Главните закани за новинарската професија што ги истакнува организацијата се:
- Криминализација: правните индикатори бележат најголем пад поради злоупотреба на законите за национална безбедност за гонење новинари.
- СЛАПП тужби: стратешки тужби против јавно учество со цел замолчување на истражувачки новинари.
- Политички притисок: напади врз медиумите во САД под администрацијата на Доналд Трамп доведоа до пад на земјата на 64. место.
Подготвено од А.Ѓ.