tramp-1

29.04.2026 Скопје

Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави одлуката на Обединетите Арапски Емирати да ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), велејќи дека тоа би можело да доведе до пад на цените на нафтата.

„Мислам дека е одлична одлука. Мислам дека ќе ги намали цените на бензинот, цените на нафтата, сите цени. Тие имаат проблеми во ОПЕК“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Обединетите Арапски Емирати вчера објавија дека ќе ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и ОПЕК+ на 1 мај. Медиумите оценија дека потегот на ОАЕ претставува тежок удар за членовите на ОПЕК и нивниот де факто лидер, Саудиска Арабија, во време кога војната меѓу САД и Израел против Иран предизвика историски енергетски шок и ја наруши глобалната економија. Трамп претходно ја обвини ОПЕК дека „го ограбува остатокот од светот“ со наметнување „високи“ цени на нафтата.

Трамп, исто така, ја поврза американската воена поддршка за Заливот со цените на нафтата, велејќи дека иако неговата земја ги брани членовите на ОПЕК, тие „ја експлоатираат со наметнување високи цени на нафтата“.

Земјите-членки на ОПЕК произведуваат повеќе од една третина од светските резерви на нафта. Организацијата е основана во 1960 година, а нејзини земји-членки се Алжир, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Габон, Либија, Нигерија, Ирак, Иран, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, а по 2016 година и наглиот пад на цените на нафтата, ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта: Русија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Бразил, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Јужен Судан и Судан, со што се создаде организацијата ОПЕК Плус.

Целта на организацијата е да обезбеди стабилизација на пазарот и ефикасна, економична и редовна испорака на гориво.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author