28.04.2026 Скопје
Заедничка декларација за дејствување во интерес на правата на децата во дигиталната средина беше потпишана денес, на иницијатива на УНИЦЕФ во Србија, од страна на претставници на компаниите Телеком Србија, Јетел и А1 Србија, кои со тоа се обврзаа на понатамошно подобрување на своите практики во областа на безбедноста на децата на интернет.
Декларацијата опфаќа области како што се безбедноста на децата на интернет, приватноста и заштитата на податоците, дигиталната инклузија, одговорното рекламирање, како и следењето на влијанието на бизнисот врз правата на децата, објави УНИЦЕФ.
Дигиталните технологии отвораат нови можности за децата да учат, да се развиваат и да се поврзуваат, но во исто време тие носат и ризици што бараат одговорен пристап, се вели во соопштението.
Како дел од дигиталниот екосистем, мобилните оператори влијаат на начинот на кој децата пристапуваат и го користат дигиталниот простор.
Се известува дека на настанот беше претставена и алатката D-CRIA на УНИЦЕФ, која им помага на компаниите да го проценат влијанието на нивните производи и услуги врз правата на децата и да го подобрат донесувањето одлуки во дигиталното опкружување.
Директорката на УНИЦЕФ во Србија, Дејана Костадинова, изјави дека дигиталните технологии носат големи можности за децата, но и ризици што мора да се препознаат и одговорно да се управуваат.
„Државата ја поставува рамката, додека училиштата и родителите им помагаат на децата да развијат вештини за безбедно користење на технологијата. Мобилните оператори, како актери што ја обликуваат дигиталната средина, имаат важна улога во овој процес“, рече таа.
Костадинова нагласи дека со потпишувањето на оваа Декларација се прави важен чекор кон усогласување на практиките со правата на детето.
„Преку оваа иницијатива, компаниите Телеком Србија, Јетел и А1 Србија придонесуваат за создавање побезбедна дигитална средина за сите деца“, изјави таа.
Извршната директорка за стратегија и дигитално работење во Телеком Србија, Натали Делиќ, изјави дека Телеком Србија, преку своите активности, придонесува за подигање на свеста за влијанието на дигиталните технологии врз развојот на децата и важноста од безбедна употреба и избор на содржина соодветна на возраста.
„Со оглед на тоа што фокусот на нашето општествено одговорно работење е насочен кон поддршка на младите и образованието, безбедноста на децата на интернет е од суштинско значење за нас. Со години развиваме алатки за безбедно користење на интернет, заштита на приватноста на податоците на децата и поддршка на дигиталната писменост во училиштата и семејствата“, рече таа.
Таа нагласи дека нивна одговорност е да обезбедат децата да бидат заштитени од штетна содржина, родителите да имаат поддршка во следењето на активностите на своите деца и секоја дигитална услуга да биде прилагодена на возраста и потребите на детето.
Делиќ го истакна проектот „Светот на детето е поголем од екран“, кој промовира контролирана употреба на екран кај децата во раниот развој.
„Нашата цел е технологијата да биде поддршка за нивниот раст, а не пречка. Веруваме дека на овој начин, работејќи заедно, можеме да создадеме дигитален простор во кој секое дете во Србија има можност да учи, да се развива и да биде безбедно“, рече таа.
Потпишувањето на Декларацијата е дел од пошироката соработка на УНИЦЕФ со приватниот сектор и други партнери, со цел подобрување на условите за безбедна и поддржувачка дигитална средина за сите деца во Србија.
Подготвено од А.Ѓ.