09.04.2026 Скопје
Од утре стартува ЕЕС системот на Европската Унија за биометриска проверка на патници при влез во Шенген-зоната, со што значително се менуваат правилата на граничните премини. Со новиот систем, на надворешните граници на Европската Унија се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на државјани кои патуваат за краткорочен престој, а се од држави кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и РС Македонија.
Тоа значи дека ако утре патувате во земја од Европската Унија, на граничниот премин ќе ви земат отпечаток од прст и ќе ве фотографираат при првиот влез. Ова значи дека при прв влез во ЕУ, граѓаните ќе мора да поминат низ процес на регистрација, кој може да потрае подолго од вообичаеното. При следните патувања ќе се користи автоматско препознавање. Дополнително, ќе се евидентираат сите влезови и излези од ЕУ, со цел подобра контрола и откривање на злоупотреби, вклучително и лажни идентитети.
Иако системот има цел да ја зголеми ефикасноста, реалноста е дека во почетната фаза може да дојде до подолги задржувања на граничните премини. Особено во првите недели од целосната имплементација, кога ќе се врши масовна регистрација на патниците.
МВР: Влезот и излезот од ЕУ границите ќе се евидентираат и ќе се контролираат електронски од 10 април.
Според податоците на Европската комисија, досега во системот се регистрирани околу 45 милиони патници. Првичните резултати покажуваат дека повеќе од 24.000 лица биле одбиени на границите поради неисполнување на условите за влез, додека над 600 лица биле идентификувани како безбедносен ризик.
Новите правила ќе влијаат и на времето на чекање на граничните премини. Се очекува задржување од две до пет минути по патник, бидејќи во одредени случаи ќе се бара излегување од возилата за спроведување на проверките. Сепак, граничните служби ќе имаат можност привремено да ги суспендираат биометриските проверки во периоди на големи гужви, особено во туристичката сезона.
Доколку чекањето на границите надмине три часа, службениците ќе можат да се вратат на класични пасошки контроли, како што беше практиката досега.
Подготвено од М.Д.