mladi vo shpanija

27.04.2026 Скопје

Шпанскиот министер за индустрија и туризам, Жорди Хереу, денес ги повика туристите што е можно поскоро да купат авионски билети, со цел да се избегне ризикот од повисоки цени поради порастот на цените на нафтата.

Хереу изјави дека откако минатата година Шпанија ја посетија рекордни 97 милиони туристи, што е за 3,5 проценти повеќе посети отколку во 2024 година, земјата би можела да одржи слично темпо на раст оваа година, но дека повисоките трошоци за гориво се закануваат да ги зголемат цените на авионските билети и со тоа да влијаат на пристигнувањето на туристите.

Тој додаде дека шпанските и европските власти преземаат мерки за да спречат недостиг на гориво.

Прекините во глобалните испораки на нафта ги зголемија цените на авионските билети за околу 100 евра за летовите од Европа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари.

Војната во Иран предизвика бројни проблеми, пред сè економски, бидејќи цената на нафтата ненадејно и драстично се зголеми.

Тоа во голема мера влијаеше врз транспортот што директно зависи од нафтата, но и во физичка смисла бидејќи бројни земји беа погодени од овој конфликт поради што нивниот воздушен простор не беше безбеден.

Сето ова ги зголеми трошоците на авиокомпаниите, кои почнаа да применуваат разни мерки, со цел да го ублажат влијанието, без тоа веднаш да се прелее врз патниците.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author