https://www.facebook.com/glasnaamerika/photos/a.10150340740898621/10159389293833621/

27.04.2026 Скопје

„Моите родители крвареле за оваа држава. Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум, па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене. Мајка ми на сремски фронт била, ранета е на Сремски фронт. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене“, вели за „Слободен печат“, поранешната обвинителка Вилма Русковска откако осудениот за упадот во Собрание, Јане Ченто најави дека денеска на пладне ќе поднесе кривична пријава против Русковска.

Јане Ченто најави прес – конференција на пладне пред Основното јавно обвинителство, на која, како што најави ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката за настаните од 27 април.

Во најавата Ченто вели дека ова претставува почеток на процес за утврдување одговорност и расчистување на сите околности поврзани со судскиот процес за 27 април. Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13 годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието. Предметот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега судијка во Уставниот суд. Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието кон крајот на 2018.

Русковска го водеше случајот пред Кривичниот суд Скопје, односно во прв степен.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author