22.04.2026 Скопје
Салвадорскиот суд започна колективно судење на 486 бандити, во еден од најголемите масовни процеси во рамки на репресијата против насилството на банди под претседателот Најиб Букеле, преку контровезни вонредни овластувања.
Според обвинителите, обвиненијата против наводни членови на бандата Мара Салватруча, или MС-13, опфаќаат повеќе од 47.000 кривични дела извршени помеѓу 2012 и 2022 година, вклучувајќи и викенд кој бил најкрвав во Ел Салвадор од граѓанската војна. Обвиненијата вклучуваат убиство, фемицид, изнуда и трговија со оружје.
Под вонредната состојба која стапи на сила во 2022 година и постојано се продолжува, безбедносните сили уапсиле повеќе од 91.500 луѓе, а Конгресот усвои декрет со кој се дозволуваат масовни судења.
Организации за човекови права предупредуваат дека колективните обвиненија го нарушуваат правото на фер постапка и им оневозможуваат на обвинетите пристап до правна помош.
Интер-американската комисија за човекови права во вторникот повторно изрази загриженост за кршења на човековите права преку долготрајната вонредна состојба и повика на нејзино укинување како стратегија за борба против криминалот.
Конгресот на Ел Салвадор пред еден месец одобри и уставен амандман со кој се дозволуваат доживотни затворски казни за убиство, силување и тероризам, како продолжение на пресметката меѓу владата на претседателот Букеле и криминалните банди.
Обвинетите во тековниот случај се држат во пет затвори, вклучувајќи го и ЦЕКОТ, озлогласен затвор со максимална безбедност отворен од администрацијата на Букеле во 2023 година, кој стана симбол на неговата политика на нулта толеранција кон банди.
Обвинителството на Ел Салвадор презентирало обдукции, балистички анализи и сведочења како докази и побарало од судијата да ги изрече максималните затворски казни за секое дело.
Еден обвинет може да добие до 245 години затвор доколку биде прогласен за виновен по повеќе обвиненија.
Меѓу обвинетите има и наводни долгогодишни водачи на банди кои учествувале во примирјето меѓу владата и бандите од 2012 до 2014 година за време на претседателството на поранешниот лидер Маурисио Фунес.
Подготвено од А.Ѓ.